Здружението на граѓани „Рубикон“ во Делчево го претстави проектот „Сите за безбедни училишта“. Во рамки на проектот заедно со ученици од делчевската гимназија се одржа интерактивна работилница на тема
„Никогаш нема да изгледаш добро ако направиш некој да се чувствува лошо“.
-Пред сите ученици од нашето училиште, преставниците на Здружението на граѓани „Рубикон“ од Скопје на отворен и интерактивен пристап ги претставија проектните активности на проектот „Сите за безбедни училишта“. Беа опфатени теми за превенција, препознавање и справување со различни форми на врсничко насилство, информираа од Средното општинско училиште „Методи Митевски – Брицо“.

На работилницата беа мапирани слабите и силните страни на општеството за што следуваше презентација од страна на организаторите на презентацијата.
-На презентацијата беше истакната потребата за зајакнување на постојните капацитети, но и можноста за создавање нови ресурси кои ќе помогнат во превенцијата и сузбивањето на врсничкото насилство во училиштата пред конфликтот да премине во насилство, додадоа од училиштето.
Овие активности се поддржани од Механизмот за граѓанска отпорност (МГО), во рамките на проектот „Техничка поддршка за подобрување на овозможувачката средина за граѓанските организации во Република Северна Македонија“ што се финансира од ЕУ.























