Во Центарот за културата во Дебар се одржа 13 издание на фестивалот на детски забавни песни „Радика фест 2021“, на кој беа изведени 16 нови авторски композиции со изведувачи од Дебар и дебарско, Маврово и Ростуше, Центар Жупа, Струга и струшко, Охрид и други места.
Пред преполнетата сала најпрво поздравен збор имаше Зинче Мимидиноски, директор на фестивалот, кој на присутните гости им поска пријатни мигови, а на учесниците многу успех. За отворен фестивалот го прогласи градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука.
– Поддржувач сум на квалитетни културни настани кои се одржуваат во општина Дебар. И во иднина, како локална власт ќе бидеме големи поддржувачи на овој, реномиран фестивал „Радика Фест“. На директорот на фестивалот Зинче Мимидиноски му посакувам успешна работа и во иднина. И понатаму ќе ги поддржуваме неговите културни настани, како врвни и значајни за нашиот град и пошироко, рече меѓу другото Дука.
Пратеничката во Собранието на Република Северна Македонија, Белкиса Зекири, од општина Маврово-Ростуше, ги поздрави присутните гости, а на учесниците им посака многу успеси, истакнувајќи дека секогаш била и ќе биде голем поддржувач на значајни културни настани, посебно на овој голем и значаен културен настан.
Стручното жири во состав Меџит Муслиовски, Филип Василевски и Алберт Салиу, за победник на фестивалот ја прогласи Надија Нурединоска од дебарското село Долно Косоврасти, со песничката „Веселата Меги“. За најдобар вокал беше прогласена Санија Исламоска од Лабуништа, за најдобар сценски настап наградата ја добија Хамзе, Есра, Нела и Џансу од Центар Жупа и наградата за најдобар дебитант Амели Фејзули од село Велебрдо, општина Маврово и Ростуше.
– Пресреќна сум. Наградата ми е уште подрага ако се има предвид дека ја освоив во силна конкуренција, на голем број квалитетни изведувачи, рече првонаградената Надија, која пред две години ја освои наградата за најдобар вокал.
Гости во програмата на фестивалот беа фолклорната секција од Основното општинско училиште од Ростуше и литературната секција од ООУ од Жировница.
Директорот на фестивалот уште еднаш се заблагодари за финансиската поддршка од Министерството за култура на Северна Македонија, општините Дебар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, како и на поддршка на Центарот за култура-Дебар каде уште од 2010 година е и седиштето на фестивалот „Радика Фест“.