Инфлатори за воздушни перничиња ќе се произведуваат во YFA Automotiv во ТИРЗ Скопје 1, нова фабрика која е американско-кинеска инвестиција на компаниите Јанг фенг и АРЦ, во вредност од 30 милиони евра.
Инвестицијата ќе овозможи над 100 нови вработувања, а производите ќе се извезуваат на европскиот пазар.
-Денес не е лесно да се привлече инвестиција, особено после ковид пандемијата и особено во време на војна во Украина и отежнати економски услови, но нашиот пристап го потврди спротивното бидејќи отвораме нови производствени капацитети. Новата инвестиција според менаџментот ќе биде вредна 30 милиони евра и ќе отвори 100 нови работни места, рече на свеченоста премиерот Димитар Ковачевски.
Тој ја истакна важноста на добрите услови за работа и креирањето добри економски политики, кои, како што оцени, даваат резултат, раст, развој и успех во справување со кризите и повтори дека мора да има струја, храна и енергенси за сите.
Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, истакна дека со овој инвестициски проект од над 30 милиони евра државава покажала дека знае да биде достоен партнер за компании како АРЦ и Јанг фенг.
-Покажавме дека и мала држава како Северна Македонија може да донесе сериозни глобални играчи не со пари, не со сила, не со скапи кампањи, туку со паметен пристапи со слушање и имање разбирање за потребите на партнерите. Со новата инвестиција ќе овозможат пристојни услови за работа, и доста попристојни одлични услови за остварување на достојна живеачка за над 100 наши сограѓани, рече Деспотовски.
На свечесноста присуствуваат заменик шефот на Мисијата на САД Ерик Мајер, кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо, како и првите луѓе на компаниите инвеститори.