Информативна кампања за презентација на можностите за студирање во високите образовни институции во Бугарија, во учебната 2023-2024 година, се одржа во бугарскиот Културно информативен центар во Скопје, јавува Трибуна.

На информативната средба директорката на Дирекција високо образование кон Министерството за образование и наука на Бугарија, Галина Дреновска и претставникот на Извршната агенција на Бугарите во странство Александар Иванов, имаа свои излагања во однос на правилата за запишување, полагањето на примени испити и чекорите што треба да се преземат откако студентите ќе заминат во Бугарија.

Дреновска претстави исцрпна презентација во која беа претставени сите чекори кои треба да ги преземат идните кандидат- студенти за да се пријават за додипломски студии во Бугарија, магистерски студии, специјализации и докторати.

Таа наведе дека сите потребни информации можат да ги добијат на следниот линк на страницата на Министерството за образование и наука на Бугарија.

Претставникот на Извршната агенција на Бугарите во странство Александар Иванов им објасни на кандидат- студентите какви чекори треба да преземат откако ќе појдат во Бугарија, во однос на нивното сместување, лични документи и слично.

На присутните им се обратија уште амбасадорот на Р. Бугарија во РСМ Н.е. Ангел Ангелов и директорката на бугарскиот Културно информативен центар во Скопје Антонија Велева кои им посакаа успех на идните кандидат-студенти, на нивниот пат кон добивање високо образование во Бугарија.

Директорката на саботно-неделното училиште ,,Здравеј” Илијана Атанасова им објасни на присутните кандидат- студенти дека ќе им бидат обезбедени сите потребни материјали за да се подготват за примените испити за влез во бугарските високо образовни институции.