Околу илјада демонстранти денеска блокираа мост во центарот на Будимпешта, додека Парламентот расправа за владиниот предлог на премиерот Виктор Орбан за зголемување на даночната стапка за стотици илјади мали бизниси.
Демонстрантите прво се собраа на централниот плоштад пред зградата на Парламентот, пред да почнат да пешачат до блискиот мост на реката Дунав.
Тие го блокираа и сообраќајот во двата правци меѓу двете страни на Будимпешта, со силно полициско присуство.
Владата на Орбан вчера поднесе амандмани на законот за оданочување до парламентот, драстично заострувајќи ги условите за поедноставениот даночен режим, за кој многу мали бизниси се одлучија поради намалената администрација и ниската даночна стапка што ја нуди.
Владата соопшти дека овој систем бил злоупотребен од некои компании за да ги намалат трошоците, најчесто преку непријавување на своите работници.
Измените на законот треба да стапат во сила во септември, откако ќе бидат одобрени од Парламентот, што треба да овозможи дополнителни 237 милијарди форинти или 572 милиони долари приход во буџетот годинава.