Епидемиолошката состојба во Бразил се влошува и за првпат од почетокот на пандемијата, бројот на смртни случаи надмина четири илјади за 24 часа.
Според Министерството за здравство, денеска се регистрирани најмалку 4.195 смртни случаи, со што вкупниот број на починати достигна речиси 337.000.
Во исто време бројот на новозаразени се зголеми за 86.979.
– Вирусот е како нуклеарен реактор што предизвика верижна реакција и излезе од контрола. Ова е биолошка Фукушима, изјави Мигел Никлелис, бразилски лекар и професор на Универзитетот Џук.
Здравствениот систем во Бразил, земја со 210 милиони жители, колабира или е пред колапс во многу области.
Но, претседателот Жаир Болсонаро продолжува да се спротивставува на секакви мерки за контрола на заразата.
Тој тврди дека штетата врз економијата би била дури и полоша од влијанието на самиот вирус и се обиде на суд да укине некои мерки преземени од локалните власти.
Зборувајќи со приврзаниците пред претседателската резиденција тој ги критикуваше мерките за карантин, велејќи дека тие се поврзани со зголемување на телесната тежина и депресија и водат кон невработеност. Тој не го коментираше бројот на жртвите.
Досега во Бразил се регистрирани над 13 милиони случаи на коронавирус, соопшти Министерството за здравство. Само во март починаа околу 66.570 луѓе, што е двојно повеќе од рекордот претходниот месец.