Синоќа во Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје се одржа свечена прослава по повод 24 маj-Денот на бугарската азбука, просвета, култура и словенската писменост, јавува Трибуна.
Во рамките на програмата, учениците од Неделното бугарско училиште „Здравеј“ претставија своја специјална програма за празникот, со што го разубавија овој значаен културен настан.
Амбасадорот на Република Бугарија во РС Македонија Желјазко Радуков ги поздрави децата и присутните за празникот. Тој им ги додели дипломите и наградите што тие ги стекнале во измината година. Се разбира не беа заборавени и наставничките на децата, кои добија по букет цвеќе од амбасадорот.
Во рамките на настанот беше отворена изложбата „Во почетокот беше буквата“, обезбедена од Бугарската академија на науките, посветена на 1150 годишнина од Моравската мисија на Светите браќа Кирил и Методиј и создавањето на словенското писмо. Во 20 постера се прикажува историјата на писменоста, што оставила трага низ бугарските земји-натписи на камен, керамика и метал, на грчки на латински, на глаголица и на кирилица. Раѓањето на старобугарската книжевност, примената на словенските азбуки од средните векови до денешен ден.
Изложбата беше претставена од директорката на НБУ „Здравеј“ Илијана Атанасова и од проф. д-р Славија Брлиева, која се обрати до присутните со снимена видео порака и е дел од тимот, што стои позади концепцијата за овој проект. Во тимот чија идеја е изложбата се уште проф. д-р Маја Иванова и проф. д-р Десислава Најденова.
Присутни на настанот освен родителите на децата, беа и претставници на бугарската заедница во земјата и пријатели на Бугарија.