Во Битола е зголемен бројот на запишани првоодделенци, лани се запишаа 783, а годинава 799, изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
На свечености што се одржаа во ОУ „Д-р Трифун Пановски“ и ОУ „Коле Канински“, битолскиот градоначалник им посака успешна учебна година на сите ученици, особено на најмладите, првачињата, кои со возбуда го дочекаа првиот училиштен ден.
-Верувајте, нема поубав момент за мене, за родителите и наставниците, да го започнете денот со најмладите. Сите училишта се подготвени за новата учебна година. Ќе кажам еден статистички податок, од бројот на пријавени и запишани, имаме 799 првачиња, а минатата година имавме 783, што значи дека Битола нема пад во однос на запишаните првачиња. Бројот останува константен, што и не радува. Секогаш велам дека Битола има потенцијал, градот е жив и сите треба да се трудиме да помогнеме, секој во својот ресор, да овозможиме услови во овие тешки економски времиња за сите, да овозможиме воспитно-образовниот процес да се одвива како што треба. Овие моменти треба да се посветиме на враќање на семејството, на традиционалните вредности каде што децата треба да запомнат што е фамилија, што е училиште, бидејќи не е само образованието во прашање, туку и воспитниот процес во целост, истакна Коњановски.