Според податоците на Универзитетската клиники за гинекологија и акушерство, во Македонија годишно од рак на грло на матка заболуваат околу 150 жени. Во 2019 се третирани 111 случаи на ваков вид карцином, а во 2020 бројот изнесува 140, покажуваат податоците од Институтот за јавно здравје во нашата држава.
Министерството за здравство секоја година изготвува посебна Програма за рана детекција на малигни заболувања, во која е предвидено спроведување бесплатен скрининг за рано откривање на ракот на грлото на матката, со кој во период од три години се опфатени жени на возраст од 24-61 година, односно следните возразни групи: 24-35 години, 36-45 години, и 46-61 година.
Во рамки на организираниот скрининг годишно се испраќаат во просек околу 53.000 покани, а процентот нa жени кои примиле покана изнесува околу 88,3%. Од нив, околу 60% жени се тестираат со ПАП тест или во просек годишно се прават по 24.000 ПАП тестирања, пришто се откриваат брисеви со околу 10% епителни клеточни абнормалности во вкупно цитолошки анализираните брисеви или во просек по 2.400 брисеви годишно се со позитивни наоди.
Во 2020 година, во првите 3 квартали околу 12.000 покани се испратени од страна на гинеколозите кои се вклучени како извршители во Програмата, направени се околу 9.000 ПАП тестови при што откриени се околу 900 брисеви со одредени клеточни абнормалности, што исто така претставува 10% од вкупно цитолошки анализираните брисеви.
Воедно, податоците покажуваат дека се помал е бројот на жени со тешка форма на карцином, како што се плочестиот карцином суспектен за инвазија и инвазивниот плочест карцином. Токму тоа е и целта на превентивната програма на Министерството, рано и навремено откривање на ова заболување, што придонесува за намалување на стапката на смртност од ова заболување, велат од Министерството за здравство.
Оттаму додаваат дека од аспект на зајакнување на превенцијата од ова заболување, во 2019 година е осовремен Календарот за имунизација.
Обезбедивме четиривалентна ХПВ вакцина, со која се замени дотогаш користената двовалентна вакцина. Оваа вакцина штити од 4 опасни типови на хуман папилома вирусот. Покрај превенција од предмалигни генитални лезии, предмалигни анални лезии, канцери на грлото на матката и анални канцери, дополнително превенира и генитални брадавци. Токму во 2019 година е зголемен опфатот со вакцинација со оваа вакцина во споредба со претходните години, велат од МЗ.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.