Во разговор за МКД.мк потпретседателот на Движењето Беса, Фатмир Лимани, инаку внук на Али Ахмети, вели дека Беса нема да оди во Тирана на покана од албанскиот премиер Еди Рама. Toj вели дека целта на закажаната средба на лидерите на партиите на Албанците во Тирана е промовирање на нова Влада на Димитар Ковачевски проширена со уште еден коалициски партнер и спас на речиси две години мандат. „На иста маса со Ахмети не седнуваме“, вели Лимани.

Тој потсетува дека Беса пред еден месец имаше упатено покана до партиите на Албанците со свои претставници да седнат на една маса и да изградат заеднички став во врска со „францускиот предлог“ за уставни измени.

„Ахмети тогаш врати со понижувачки одговор кон нас, во смисла дека Беса не е фактор за да повикува на вакви состаноци, но и рече дека состанок само на албански лидери не е во духот на градење доверба помеѓу Албанците и Македонците. Значи, не треба да седнуваме одделно од Македонците зашто се работи за критичен период, кога се потребни гласови за уставни измени од пратеници Македонци“, вели Лимани.