Пишува: Никица Корубин
Ако нешто искрено ги спои двете најголеми македонски политички партии, сосе помалите, отворено последниве години, тоа е мантрата “време е ДУИ да се реформира во опозиција”. Иако, самиот популистички повик се однесува на конкретен политички субјект, страста со која не’ задушува “јавноста” на дневна основа, говори за поголема опсесија, фобија или страв, сеедно.
Едноставно совршен параван за слободно ширење на прикриена албанофобија, на начин на кој никогаш – во спротивна насока на македонофобија – не демонстрирала ниту една албанска политичка партија кон македонските партии.
На страна што “моралниот сегмент” на метафоричкиот “крадец” кој вели во басната “држете го крадецот”, е апсурдно видлив и за коалиционерството на ВМРО-ДПМНЕ, а особено станува траги-комичен за двојното суштинско и егзистенцијално коалицирање на СДСМ во два наврата, изборните циклуси 2016 и 2020. Што ги прави во старт, некредибилни, а согласно на тоа и неискрени критизери. Барем во делот, на желбата за “реформирање на ДУИ”, за кои тешко дека би можеле да се пофалат, со суштински, а не површен, личен пример.
Но прашањето е дали всушност македонскиот партиски двоец, наменски надограден со албанската, неформална владина коалиција ВЛЕН; сака реформирање или исчезнување – не на ДУИ сами по себе, туку преку ДУИ на силен албански политички фактор? И дали вака неформален ВЛЕН кој треба(ше) да апсорбира се’ останато во албанскиот партиски политички живот, за конечно и самиот да се претопи во македонската верзија ВРЕДИ, како подобен модел по мерка на партократскиот естаблишмент во двете македонски партии? Албанци како уставна бројка, а не како политичка суштина.
Илустративен пример, за тоа како се разбира Охридскиот договор, неговите механизми и неговата суштинска улога за опстанокот на функционалноста на државата; освен преку отворената поддршка или премолчување на “демонстрацијата на независна судска власт” која ја одигрува уставниот суд, односно уставните судии, во постепеното саботирање, компромитирање и деградирање на Охридскиот договор; може да се добие и доколку се погледне само мал дел, од инаку крајно поучното интервју, на Оливера Трајковска со претседателот на владиниот коалиционен партнер ЗНАМ.
Па, парафразирано, според неговото разбирање на Охридскиот договор, “механизмот на бадентерово гласање е за заштита на правата на заедниците” со што всушност, сега веќе отворено се демонстрира не само тенденциозното деградирање на Албанците како “една од заедниците” наспроти “главниот македонски народ” – спротивна на уставната позиција – туку се “заборава” главното: механизмот на бадентерово гласање не ги штити “правата на заедниците” туку ги штити граѓаните од монополското одлучување, на една од заедниците (мнозинската)- македонската во однос на влијанието на другите заедници.
Охридскиот договор подеднакво не’ штити и нас Македонците, штитејќи го овој модел на уставен поредок, кој е произлезен од силното влијанието на пост-југословенизмот во различни форми, брутално демонстрирани и насред Скопје, кој е суштински противник на независноста на државата. Па, логично проблематизирањето на Охридскиот договор, всушност е проблематизирање на уставот, а оттаму и проблематизирање на европска Северна Македонија, членка на НАТО, која меѓународно и внатре опстојува токму на овие меѓународни договори (Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија).
Дали ќе биде како во поговорката “Внимавај што ќе посакаш, може да ти се оствари” – и дали ДУИ ќе се реформира по теркот на партиите или граѓаните, останува на нивното разбирање на исклучителната улога (онаа која ВЛЕН предизборно ја имаше и постизборно ја троши со неверојатна брзина), која ја имаат во моментов. Тие не само што се во опозиција, речиси осум месеци, туку тие: според поведението, пораките и фокусот на клучните теми за државата и нејзината иднина, значи за сите граѓани; се и единствената опозиција.
Суштински, реторички и искуствено, сите останати во моментов го демонстрираат моделот “Македонците над се’”. А, уставот вели дека Северна Македонија е граѓанска држава со јасно изразени етнички елементи во преамбулата: сите сме “етноси” односно народи (делови од народ) и нема заедници. И тоа е нашиот автентичен модел, кој токму преку членството во ЕУ, ги штити сите идентитети на една современа држава, вклучително и македонскиот. Сами се штитиме меѓу себе, ако знаеме што сакаме од себе. А, не што другите сакаат со нас.