Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во гостувањето во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ изјави дека е можна соработка со Алијанса за Албанците и Алтернатива за претстојните локални избори. Како што вели тој, оваа соработка е можна и пред овие избори.
Тој смета дека и покрај разликите за дел од темите кои поминаа во законодавниот дом, соработката е можна, оти имаат заедничка цел со овие партии од албанскиот блок.
Николоски вели дека сe уште не е прецизирано дали тоа би било предизборна коалиција.
-Тоа се детали кои мислам дека ќе треба во следниот период да ги разговараме со нашите пријатели од Алијанса и од Алтернатива. Сите модалитети се отворени, јас не би исклучил ништо, но, што и да кажам сега ќе биде несериозно, затоа што не сме седнале материјално да разговараме – вели Николоски.