Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ поднесоа Иницијатива за формирање анкетна комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите во Република Македонија, изјави пратеникот Бојан Стојаноски.
Тој појасни дека анкетната комисија ќе има за цел утврдување на одговорност на функционери, носители на јавни функции и други поврзани лица, како и да ги утврди околностите за постапувањето на институциите за следните трагедии и несреќи: пожарот во „Пулс“ во Кочани, пожарот во модуларната болница во Тетово, сообраќајната несреќа на „Дурмо Турс“ во Ласкарци и сообраќајната несреќа на „Беса Транс“ во Бугарија.
„77 – те потписи се доказ дека ние не сакаме да ги политизираме овие трагични настани туку сакаме да помогнеме засегнатите да добијат правда. Сите прашања мораат да бидат одговорени, а сите случаи треба да го добијат неопходниот епилог. Анкетната комисија ќе се формира врз основа на член 124, став 5 од Деловникот на Собранието. Ќе ја сочинуваат 15 членови и нивни заменици, од кои: седум членови ќе бидат предложени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, два од пратеничката група СДСМ, два члена од пратеничката група ЕВРОПСКИ ФРОНТ, два члена од пратеничката група на ВРЕДИ, еден член од пратеничката група на ЗНАМ и еден член од пратеничката група на ЛЕВИЦА. Со неа ќе претседава пратеник од редовите на опозициските партии“, рече тој.
Стојаноски појасни дека форматот, односно составот е клучната разлика што ја прави оваа комисија деловничка и легитимна, за разлика од некои други обиди во минатото.
„Комисијата ќе изготви наоди кои ќе бидат основ за поведување на постапка за утврдување на одговорност на сите инволвирани кои придонеле кон случување, односно не придонеле кон спречување на овие трагични настани. Секоја пратеничка група има право да предложи листа од сведоци и експерти. Секој сведок или експерт поканет да даде изјава пред Анкетната комисија има обврска да се појави пред пратениците. Притоа, комисијата ќе изготвува извештаи кои ќе се доставуваат до Владата на Република Македонија и Јавното обвинителство“, рече тој.
Стојаноски ги повика пратениците и од другите политички партии да се приклучат кон оваа иницијатива.
Текстот ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ поднесоа иницијатива за формирање анкетна комисија за пожарите во Кочани и Тетово и за несреќите на „Дурмо турс“ и „Беса транс“ е превземен од МАКФАКС.























