Стандардот на граѓаните поради лошите политики на СДСМ е паднат на најниско ниво. Платите и пензиите ја изгубија трката со цените, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на денешната прес-конференција на СДСМ во однос на најавеното зголемување на платите и пензиите предвидено во 2023 година.

Според најголемата опозициска партија, „тоа што можело да се купи со илјада денари, денес не може да се купи со две илјади“.

-Македонија се соочува со највисока инфлација во регионот и една од највисоките во Европа. Во светот сме меѓу првите земји по раст на цените за храна. Тоа значи дека нашите граѓани најбрзо и најмногу осиромашуваат во споредба со другите. Според странските инвестиции сме на дното во регионот, односно и Косово и Албанија и Србија имаат двојно, па и тројно повеќе странски инвеститори од нас. Иста е сликата и во домашната економија. Според извештајот на Светска Банка, Македонија ќе ја заврши 2022 година со раст на БДП кој е најлош во регионот и еден од најлошите во Европа, односно од нас полошо ќе поминат само Русија и Украина кои се во војна, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска денеска соопшти дека 2023 година ќе бде година на економски пресврт, во која платите и пензиите ќе продолжат да растат.