Во изминатите четири години, градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, реализирал над 670 проекти за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Според соопштението, се градело подеднакво во сите населени места, со инвестиции во капитални проекти – нови детски градинки, ново училиште, спортски сали и центри, фитнес зони, спортски терени и 70 детски катчиња. Општината изградила и Дом на културата, 32 километри фекална канализација и асфалтирала или поплочила 170 локални улици.
Од партијата најавуваат дека градежниот и инвестициониот развој ќе продолжи и во следниот мандат. Приоритетните проекти вклучуваат изградба на четири нови детски градинки во Хиподром 2, Керамидница, Сингелиќ и Маџари, како и спроведување на мерката „нула комуналии“ за изградба на куќи со цел поддршка на младите брачни парови до 29 години.
Планирано е и отворање на дневен центар за деца и лица со попреченост, изградба на катни гаражи во Автокоманда и Ченто, како и нова населба за индивидуално домување меѓу Хиподром 2 и Трубарево, со комплетна инфраструктура.
Во населбата Железара се најавува изградба на нов затворен пазар, амбуланта во Автокоманда и базен наменет за учениците, кој ќе биде достапен и за граѓаните во слободно време.
Дополнително, се предвидува реконструкција на голем број улици и изградба на нови делови од фекалната канализација во повеќе населени места.
„На Гази Баба ѝ е потребен човек кој ќе продолжи да ја развива општината во современа, модерна и урбана средина. Вистинскиот избор е Стефковски, кој во изминатите четири години покажа дека со визија, план и работа може да создава подобар живот“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата ги повикуваат жителите на општината на 19 октомври да излезат масовно на гласање и да го поддржат Бобан Стефковски и советничката листа предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со заокружување на бројот 9 под мотото: „За твојот човек. За твоето место. За твојата иднина.“