ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски дека наместо да ја штити безбедноста на граѓаните, ја загрозил, посочувајќи дека станицата за технички преглед во Сарај, за која постоел извештај со утврдени нерегуларности, продолжила да работи и остварила незаконски профит.
Според соопштението, Спасовски не ги презел мерките што бил должен да ги преземе и не ѝ го одзел овластувањето на станицата во законскиот рок, иако постоел официјален извештај за неправилности. Наместо навремена реакција, се наведува дека биле потребни три месеци, во кои фирмата, како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, остварила незаконски профит од 5,5 милиони денари, односно околу 90.000 евра.
Од партијата нагласуваат дека автобусот на „Беса Транс“, кој бил вклучен во сообраќајната несреќа во Бугарија во која загинаа 45 лица, имал извршен технички преглед токму во оваа станица во Сарај. Според соопштението, лиценцата на станицата била одземена три дена по трагедијата.
Во реакцијата се поставуваат прашања дали трагедијата можела да биде спречена доколку Спасовски реагирал навреме, дали постоел некаков договор со фирмата поради кој законската постапка била игнорирана и дали одземањето на лиценцата било направено поради чувство на вина по несреќата.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека вакви, како што наведуваат, тешки институционални пропусти не смеат да се повторуваат и побара правда и одговорност за, како што велат, загрозувањето на безбедноста на граѓаните.
Текстот ВМРО-ДПМНЕ: Спасовски ја загрозил безбедноста на граѓаните, автобусот на „Беса Транс“ имал технички преглед во станицата во Сарај е превземен од МАКФАКС.























