Пратеничката Лидија Петкоска, во име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, од собраниската Комисија за еднакви можности и од Унијата на жени на партијата, остро реагираше на постапките на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во контекст на нападите кон пратеничката Дафина Стојаноска.
„Она што го видовме од страна на Трендафилов е директен атак, обид за замолчување и брутален притисок врз жена во политика,“ изјави Петкоска. Таа оцени дека нападот врз Стојаноска е класичен пример на мизогинија, во кој функционер се обидува да дискредитира жена само затоа што таа, како што рече, ја обелоденила вистината за злоупотребите во ССМ.
„Слободан Трендафилов е во тотална паника затоа што е фатен жив во злоупотреба на својата положба. Наместо да се соочи со одговорноста за тоа како и за што ги троши парите на работниците, тој избра да се крие зад емотивни манипулации и евтини политички драми“, рече.
Според Петкоска, Трендафилов се обидува да го пренасочи фокусот од прашањето за користењето на службеното возило за приватни цели, манипулирајќи со темата за семејството и децата. Таа истакна дека снимките се направени со заштита на идентитетот на малолетни лица и дека целта не била напад кон семејството, туку разобличување на „расипништвото“ и „двојните аршини“ на функционерот.
„Трендафилов е целосно нелегитимен претседател. Подгответе си ја оставката веднаш – Македонија веќе нема трпение за вакви ликови кои возат службени автомобили, а народот го лажат и повикуваат да оди пеш“, порача таа.
Петкоска повика и на итна истрага од Јавното обвинителство по допрен глас, со конкретни прашања: Колку пати службеното возило било користено за приватни цели? Колку гориво платено од членарини е потрошено за лични потреби? За што сѐ е злоупотребена функцијата?
ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека стои зад пратеничката Стојаноска и бара институционална и јавна поддршка, а воедно изрази жалење што, според партијата, од Клубот на пратенички поддршка не била добиена – особено од неговата претседателка, пратеничката Јована Тренчевска.
Текстот ВМРО-ДПМНЕ со поддршка за Стојаноска, остро против Трендафилов: „Тој паничи оти е фатен жив во злоупотреба“ е превземен од МАКФАКС.























