ВМРО-ДПМНЕ вели дека ставот на Трајко Славески, нивен член и прв човек на Советот на Град Скопје, за минималната плата е негов личен став, како што постојат бројн ставови на експерти кои се за и против растот на минималната плата.
-ВМРО-ДПМНЕ принципиелно е за раст на платите во Македонија, вклучително и на минималната плата. Но суштинското прашање кое треба да се постави е дали владата со ова ќе постигне нивелирање на сите останати плати во државата? Сите работници имаат право да го остварат тоа, бидејќи инфлацијата која власта не успеа да ја сопре навреме ги засега сите граѓани. Доколку власта навистина искрено сака да постигне пропорционално нивелирање на платите во сите сектори, тогаш тоа може да го направи со платите во образованието согласно градацијата во колективниот договор. Тоа Владата може да го направи, бидејќи тоа е директно нејзина ингеренција, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно Славески за ТВ24 изјави дека барањето на Сојузот на синдикати за зголемување на платите на работниците на 18.000 е неоправдано и нереално.
-Ова што го бара Синдикатот се коси со целокупната практика во Европа и во светот. Минималната плата не може да се однесува на над 20 проценти од вработените и не може да биде 60 проценти од просечната плата, кога Европската унија изрично наложува максимумот да биде 50 проценти. Затоа што тоа би придонело најголем број од компаниите во Македонија да затворат или пак остатокот од компаниите коишто се подобри да ја доживеат судбината на БЕГ, односно полека да станат државни фирми. Тоа значи враќање назадд, посочи Славески.
Инаку Славески своевремено беше министер за финансии во владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.