СДСМ по седум години власт остави зад себе уништена економија, иселени млади и изгубена перспектива, а сега, наместо да понуди решенија, продолжува со злоупотреба дури и на сопствените млади активисти – обвини денес ВМРО-ДПМНЕ во своето соопштение.
Од партијата реагираат на денешната прес-конференција на млад активист на СДСМ, кој, како што велат, бил пуштен неподготвен да зборува пред јавноста, со што му била загрозена политичката кариера уште пред да почне. Според ВМРО-ДПМНЕ, младичот не знае дека податоците од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) се менуваат на дневна основа и дека бројките важат за моментот на изготвување на извештајот, а фондот не прави анализа за причините поради кои има промени кај бројот на активни осигуреници. Бројот на осигуреници, нагласуваат, е динамична категорија која се менува секој ден, бидејќи секојдневно има нови вработувања, но и прекини на работни односи, а токму врз основа на работниот однос се воспоставува приемот во пензиското и инвалидското осигурување.
Дополнително, велат од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ заборавиле да му кажат на нивниот млад говорник дека половина од годината за која зборувал, тие самите биле на власт.
„СДСМ нека седи и нека учи како се носат стратегии за вработување, како се поддржува македонската економија и како се создаваат услови за нови и добро платени работни места“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата ја потенцира работата на Владата на повеќе економски планови, па така со цел зголемување на вработеноста кај младите е донесен Оперативен план 2025 за вработување и самовработување во вредност од 40 милиони евра за отворање на 16.000 нови работни места, со цел поддршка на македонското стопанство се ставени на располагање 250 милиони евра за македонските компании со поволни кредитни услови, а со цел отворање на нови добро платени работни места Владата посветено работи на привлекување странски директни инвестиции, кои се клучни за економскиот развој и минатата година биле рекордни 1,25 милијарди евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат и дека економијата бележи значително заздравување и заживување, при што три последователни квартали се бележи раст на БДП од три или над три проценти, што е резултат на економските мерки и политики што Владата континуирано ги презема.
„Наместо да ги изложува своите млади членови на јавна срамота, СДСМ нека се фокусира на реалните проблеми и нека престане да манипулира со податоци што не ги разбира“, се вели на крајот од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.