Ребалансот на буџетот покажа дека Владата на СДСМ и ДУИ води катастрофална економска политика. Кризата со ребалансот на буџетот нема да се надмине, туку уште повеќе ќе се разгорува, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Од партијата потенцираат дека ребалансот на Буџетот предвидува кратење на капиталните инвестиции кои се основа на економските движења и се клучниот развоен дел од буџетот.
„Со ребалансот на буџетот власта на СДСМ и ДУИ покажува дека растот на економијата оваа година ќе биде најмалку 1,4% понизок од проектираното, што значи дека најмалку за толку ќе се зголеми долгот.
Патем и до сега долгот е исклучително висок и изнесува над 7 милијарди евра со тенденција до крајот на годината да изнесува над 8 милијарди евра или над 65% од БДП.
Проекциите за раст покажуваа дека и оваа година Македонија ќе има еден од најлошите економски резултати во регионот, што сето е резултат на погрешните и лоши економски политики на власта.
И на крајот кратењето на 200 милиони евра непродуктивни трошоци од буџетот, со кои СДСМ се обидува да се фали, се уште еден поразителен показател.
Ребаланс од кој секој би се срамел, СДСМ го слави. Ковачевски скроил буџет со стотици милиони евра непродуктивни трошоци во време на кризи, наместо истите уште од самиот старт да ги алоцира за потребите на стопанството и заштита на стандардот на граѓаните.
Доколку овие стотици милиони евра беа правилно искористени на почетокот на годината немаше да има 4000 компании кои се затворени и над 35% од граѓаните во ризик од сиромаштија“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.