Имаме нови, енергични лица, кои знаат што сакаат граѓаните во Општините каде што ќе бидат кандиати за градоначалници. За разлика од СДСМ, ни не нудиме истрoшени имиња. На овој начин потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски ја почна презентацијата на кандидатите со кои нивната партија ќе се трка на локалните избори на 17-ти октомври. Денеска, беа презентирани 26 имиња, останатите до крајот на месецот.
Па, така на пример за Општина Центар кандидатка ќе биде Наташа Котлар, која е една од основачите на партијата „Глас“ која е коалициски партнер. За Кисела Вода ќе се трка Орце Георгиевски, актуелен советник од оваа партија во советот на општината, за Петровец ВМРО-ДПМНЕ ќе оди со актуелниот градоначалник Борче Митевски, за Гази Баба ќе се трка со државниот советник Бобан Стефковски, за Илинден со Александар Ѓорѓиевски, кандидат за Велес е Марко Колев, за Прилеп ортопедот Борче Јовчевски, а за Штип, актуелниот пратеник од оваа партија Иван Јорданов.
„За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, во најголем процент оди со нови енергични лица, со исклучително богато , професионално и лично искуство, проминентни и познати во средините во кои што живеат, спремни да се посветат на општините кои што ќе ги водат. Во изборот на кандидати за градоначалници се водевме пред се од мислењето на граѓаните, но исто така од она што граѓаните го посакуваат за својата општина“, вели Александар Николовски.
Од партијата велат дека, најголем процент од избраните се нова генерација на политичари, познати во средините каде што живеат и со највисок рејтинг според мислењето на граѓаните. Но, она што може да се забележи, од овие кои се презентирани денеска, само една е жена кандидат, Котлар за Општина Центар.
„Во однос на кандидатите, ние гледаме да ги одбереме најдобрите кандидати. Ќе има повеќе жени, нема само да е една, затоа што во следната тура, од она што сега можам да го кажам, не се целосно завршени постапките, но можам да го најавам исто така има жени кандисати и градоначалници после 17 октомври“, порача Александар Николовски.
Иако во јавноста веќе извесен период се зборува дека Даниела Арсовска ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје, Николовски најави дека конечната одлука ќе ја соопштат на крајот од месецот. Тогаш се очекува да бидат соопштени и имињата на кандидатите за останатите општини.