ВМРО-ДПМНЕ изразува најдлабока жалост за трагичната сообраќајна несреќа на булеварот Партизански одреди, поради која животот го загуби младата Фросина Кулакова.

Воедно, владејачката партија бара најостра санкција за возачот од страна на Јавното обвинителство и судот.

„Наместо декларативни казни, потребни се суштински мерки кои ќе делуваат превентивно за секој што ќе се осмели да управува моторно возило без возачка дозвола, во алкохолизирана состојба или при намалена свесност. Казната во овој случај и сличните мора да биде најстрога, за да се испрати јасна порака дека никој не смее да си игра со законот. Секоја личност носи одговорност за своите постапки. Овој случај ќе го има вниманието на јавноста и на ВМРО-ДПМНЕ и апелираме до институциите да работат според закон“, велар од партијата.

Истовремено, ги повикуваат сите граѓани да останат обединети во оваа трагична ситуација.

„Апелираме до сите политички субјекти и јавни личности да се воздржат од користење на оваа трагедија за сопствени интереси и да се фокусираат на поддршка на семејството на починатата, како и на иницијативи што ќе придонесат за зголемување на безбедноста во сообраќајот. Нека почива во мир Фросина Кулакова, а нејзината трагична судбина нека биде поттик за сите нас да работиме на подобрување на безбедноста и одговорноста во нашето општество“, се додава во партиското соопштение.