ВМРО-ДПМНЕ смета дека предлогот на власта за продолжување на важењето на пасошите е срамна, смешна, но и трагична.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски вели дека тоа што Спасовски го гарантира дома, не значи дека важи во државите во светот.
„Одлуките на Спасовски и на режимот во Службен весник важат само до граница. Никој не може да гарантира дека на било кој граничен премин официјално лице на државата во која што македонски граѓанин ќе се обиде да влезе со истечен пасош, дека нема да има основа тоа лице да биде вратено назад.“, вели Стоилковски.
Стоилковски обвини дека на македонските граѓани им е суспендирано правото на поседување патна исправа.
„Патни исправи, пасоши, за македонски државјани во МВР- НЕМА. Ама затоа македонски пасоши имаат 214 белосветски мафијаши со потерници, за шефови на нарко-картели од Србија, Албанија, од Црна Гора “, обвини Стоилковски.
Тој смета македонските граѓани кои што не се дел од шемите на мафијата, се граѓани од втор ред!