ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека изборите се решение за политичката ситуација. Лидерот на македонската опозиција Христијан Мицковски, не зборува за конкретни чекори во наредните денови. Но, вели дека е во контакт со сите политички партии.Според него, сега имаме ситуација од 60 пратеници од опозицијата, 59 на власт и еден кој не знае каде ќе биде, затоа треба што поскоро да се организираат избори.

И од Движењето БЕСА оценуваат дека предвремените парламентарни избори се решение за актуелната состојба.

„Во овие околности и со искривување на политичкиот легитимитет на волјата на пратениците во Собранието, единствено решение се брзи парламентарни избори“.

Од Алијансата за Албанците велат дека земјава е во политичка и институционална криза, па затоа тешко дека ќе има датум. Тие оценуваат и дека до решението може да се дојде со средба на политичките лидери.

Во ситуација кога имаме мнозинство со 60 пратеници, и опозиција со 60 пратеници, според нашите информации земјава нема да добие датум за почеток на преговорите од ЕУ во декември. Ако не добие датум, Владата не е стабилна. Лидерите на политичките партии мора да се состанат и да одлучат како понатаму. Но практично сме во политичка и институционална криза. А според информациите со кои располагаме, има и големо незадоволство кај сегашното „мнозинство“, кое се очекува наскоро да „експлодира“.

Додека од Алтернатива велат дека се ќе се знае по средбата на широкиот партиски врв.

Нашата коалиција со Алијансата, иако формално е потрошена по локалните избори, реално нема никаква промена. Продолжуваме да комуницираме и да ги координираме нашите опозициски политички постапки. Доколку партиските тела не одлучат поинаку, ние продолжуваме да бидеме опозициска партија.

Алтернатива го најави состанокот на централното претседателство за следниот вторник. А неофицијално се вели дека на оваа средба ќе се разговара за влез или не во Владата, по поканата за средба што премиерот Зоран Заев му ја упатил на претседателот на Алтернатива, Африм Гаши. Но, според извори на Алтернатива, ниту тесното раководство на партијата не може да донесе ваква одлука, бидејќи според партискиот статут, централното собрание е она што носи одлуки од ваков карактер. А од „Левица“ пак се недостапни да ги кажат своите следни чекори.