Од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид соопштија дека ја осудуваат хајката којашто се води против градоначалникот Пецаков додека властите молчеле за премиерот Ковачевски.
Оттаму велат дека се работи за политички монтирани случаи за градоначалникот Кирил Пецаков и секретарот Александар Китески.
„ Сагата продолжува со избрзани и неосновани кривични пријави од страна на СВР Охрид. По партиска директива не дочекаа ниту да им заврши изолацијата и покрај добиените негативни тестови, па да ги повикаат на информативен разговор. Прашањето е како успеаја да ги соберат информациите и податоците без изјави особено од засегнатите страни, за така да ја состават кривичната пријава и да ја достават до надлежниот јавен обвинител?
Кривичните пријави не се ништо ново, туку продолжување на серијата за партиското делување на МВР. Доказ за тоа е дека Ковачевски и Зечевиќ ги изложија на ризик граѓаните, а за таквите чекори властите молчат. Зошто за МВР во овие случаи нема постоење основи на сомнение за сторено кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија?“ изјави Перчо Божиновски, шеф на центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.
Тој додава дека и Ковачевски наместо во изолација при тестирање за патување во Бугарија бил пред камери, давал изјави и се фотографирал на настани.
Институциите наместо да бидат во служба на СДСМ, треба веднаш да поднесат кривични пријави за Ковачевски и Зечевиќ, порача Божиновски.