Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски денеска на прес конференција обвини дека Министерството за внатрешни работи во јануари доделило тендер од половина милион евра за сончеви колектори за топла вода за зафат во речиси сите сектори за внатрешни работи во Македонија и одморалишта на МВР низ земјава.
„Добитник на овој солен тендер е фирмата ДОН ХОЛДИНГ ДООЕЛ од Скопје, во конкуренција со уште една пристигната понуда до МВР, од фирма којашто според протфолиото има 20 години стаж и успех специјализирана за климатизација, соларна енергија и водовод. Добитникот на половина милион евра од МВР за сончеви колектори, односно загревачи на топла вода е ДОН ХОЛДИНГ истата онаа фирма којашто доби тендер за набавка на две машини за перење во Ѓорче Петров од 25.500 евра, за градинка во Ѓорче Петров, за две машини за перење 25.500 евра“, рече Стоилковски.
Тој вели дека според Централниот регистар, но и според податоци во Управата за јавни приходи, компанијата ДОН ХОЛДИНГ ДООЕЛ Скопје е фирма со основна дејност-транспорт и дека е друштво со ограничена одговорност на едно лице.
На ова реагираа од МВР со како што велат „најостар демант на дезинформациите“. Од таму наведуваат дека тие во 2021 година согласно стратегијата за енергетско-ефикасно и еколошко министерство, покрај исфрлањето на огревното дрво и мазутот од употреба, имале предвидено постапка за инсталација на соларни системи. Првата постапка, тврдат од МВР, била објавена во септември 2021 година и истата завршила со поништување оти останала само една прифатлива понуда на економскиот оператор Дон Холдинг, од три поднесени.