Претседателот на Собранието Талат Џафери не го прекршил Деловникот, тврдат од неговиот Кабинетот, по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека Џафери синоќа ги заклучил во салата со купола каде требаше да се одржи 71. Седница, за што денеска најавија и барање за негова интерпелација.
Според членот 95 од Деловникот, како што се наведува од Кабинетот, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници, така што се потребни мнозинство гласови од присутните пратеници, односно најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.
Оттаму додаваат и дека претседателот на Собранието е тој што го соопштува бројот на пратениците што гласале „за“, „против“ или „воздржано“, како и бројот на пратениците што се присутни, како и дека тој може да определи да се утврди бројот на присутните пратеници со броење.
„Според тоа, во текот на вчерашниот ден вратите на салата беа затворени за да можат собраниските служби да го утврдат бројот на присутни пратеници, односно дали има кворум за да се премине на гласање. Со оглед на тоа што во салата со куполи, каде што во овој период се одржуваа пленарните седници нема соодветна опрема, се воспостави пракса координаторот да составува листа од присутни пратеници пријавени за збор“, се наведува во соопштението.
Од тој аспект, посочуваат од Кабинетот на собранискиот спикер, Деловникот дозволува можност за затворање на вратите на салата, на барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник, поддржан од најмалку десет пратеници. Додаваат и дека Деловникот, поточно членот 91 предвидува дека за одржување на редот на седницата се грижи претседателот на Собранието.
„За повреда на редот на седницата, претседателот на Собранието може да го опомене и да му го одземе зборот на пратеникот“, се посочува во соопштението.
Според тоа, потенцираат од Кабинетот на Џафери, претседателот на Собранието не го прекршил Деловникот , туку како што велат „тоа, како и илјадници пати досега, го направи опозицијата, со своето недолично однесување, со цел да создаде хаос во законодавниот дом, служејќи се со слични методи како и на 27 април 2017 година“.
Претходно најава за поднесување интерпелација за Џафери стигна од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“. Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ Никола Мицевски изјави дека пратениците биле заклучени во пленарната сала по наредба на Џафери, како и дека за собранискиот спикер „ не постои Деловник и не постојат човекови права“.