ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека, според нивни наводи, поранешниот премиер Зоран Заев инвестира во изградба на 42-катна зграда во Дубаи, а заедно со Венко Филипче поседувал и станови во тој град.
Во соопштението се наведува дека тврдењата ги изнел Томе Аврамски, кој се претставува како познаник и поранешен соработник на Заев. Според партијата, Аврамски изјавил дека лично бил во Дубаи и дека од лице место ја видел изградбата на објектот, како и зградата во која, како што тврди, Заев и Филипче купиле станови.
„Во своето сведоштво, Аврамски вели: „Еве јас сега одам во Дубаи, таму нешто работам и он (се мисли на Заев) е таму. Таму се сите. Тука е и Заев, тука е и бившиот министер, сега лидер на СДС (се мисли на Венко Филипче), и он е тука. Јас баш сум бил во зградата каде што купија станови. Еве сега Заев гради во Дубаи, зграда од 42 ката. Тоа се големи инвестиции, тоа се милиони евра’“, пренесе ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека овие наводи претставуваат доказ дека таканаречените „златни визи“ на Заев и Филипче биле добиени врз основа на инвестиции во недвижности, што, како што оценуваат, отвора сериозни прашања за потеклото на средствата.
Партијата соопшти дека го пријавува случајот до антикорупцискиот тим на СДСМ и бара тој да биде процесуиран и истражен, со цел јавноста да добие одговори за наводите поврзани со инвестициите во Дубаи и изворот на средствата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека очекуваат антикорупцискиот тим на СДСМ да ги расчисти сите сомнежи и да ја информира јавноста.
Текстот ВМРО-ДПМНЕ: Наводите за висококатницата на Заев во Дубаи добија сведоштво: „Тоа се милиони евра“ е превземен од МАКФАКС.























