Тоа што СДСМ се фали со кредитен рејтинг кој се дефинира како ѓубре, покажува колку вистински не им помогнале на стечајците кои тие ги направија. Врвниот приоритет на СДСМ и Заев е криминалот и корупцијата.
Ова денеска го соопшти опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, поради, како што велат, негрижата на Зоран Заев и СДСМ околу 60.000 граѓани останаа без работа, а 5.600 фирми ставија клуч на врата.
-Со „ефикасните“ мерки на Заев речиси над половина милион луѓе едвај преживуваат со 2 евра на ден. А, јавниот долг во последните четири години е зголемен речиси двојно. Потрошени се над 15 милијарди евра, а народот е се посиромашен. Дури и според Стандард и Пурс Македонија е земја со висок ризик за неможност да ги финансира своите долгови кон кредиторите. ББ – кредитниот рејтинг во полето на високоризични земји го одвраќа секој инвеститор или комерцијална банка која ќе сака да и позајми пари на државата или да го стори тоа, но по енормно високи камати. Оваа оценка на Стандард и Пурс кажува дека сите кредити во иднина ќе бидат со потенцијално повисоки камати, се вели во дописот.
Според партијата, време е за одговорен пристап.
-Предизборниот поткуп и популистичките мерки на СДСМ овој пат не поминуваат, граѓаните се цврсто решени да го казнат на 17-ти октомври. Време е за одговорен пристап и мерки кои ќе креираат развој. Време е за Македонија за сите луѓе, се вели во дописот.