Точно 364 лица, од кои 34 во Скопје, ќе ја искористат новата мерка на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за теоретска и практична обука за справување со пожари низ Македонија, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за сезонски ангажман на младите, кои ќе добијат и финансиска поддршка од државата во износ од по 24.000 денари по лице.
Обуките веќе се спроведуваат низ 13 градови, покривајќи вкупно 28 општини. Сите пријавени млади лица ќе поминат дводневна интензивна обука, по што ќе бидат подготвени за излегување на терен во рок од една недела, со цел активно учество во справувањето со огнените стихии, се наведува во соопштението.
Дел од обучените лица ќе бидат распоредени во локалните територијални противпожарни единици, додека друг дел ќе продолжат со обуките во Скопје, во рамки на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Тие ќе добијат можност да се вклучат во реални интервенции при помали пожари, кои не претставуваат голем ризик, со што ќе ги усовршуваат своите вештини на терен.
„Со оваа мерка, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажува дека има цел да ги стимулира младите кои не се вработени, да го направат првиот чекор, а потоа оние кои ќе се докажат да добијат и вработување во противпожарните единици низ државата“, се истакнува во соопштението на партијата.
Исто така, во соопштението се потсетува дека по прв пат по седум години, се употребуваат 38 пренаменети армиски и полициски возила. На располагање се и хеликоптери и авиони, со кои успешно се справува со пожарите што се појавуваат ова лето.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги гради темелите на промените!“, завршува соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.