Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски денеска обвини дека владејачкото мнозинство во Собранието има намера, како што рече, да протне 12 нови закони злоупотребувајќи го повторно европското знаменце на законите.
Тој побара законите да бидат разгледувани во редовна постапка, во спротивно најавија дека ќе ја блокираат работата на Собранието.
-На тој начин, власта има за цел да си донесе закони без отворена дебата и суштинска дискусија за законите. Власта има за цел да ја оневозможи опозицијата овде во Собранието, да даде издржани и аргументирани забелешки. СДСМ и Заев сакаат сите овие закони да ги протнат без дискусија, шверцерски и недемократски, рече Мицевски.
Според него, меѓу законите кои владејачкото мнозинство планира да ги протне е и Предлог – законот за контрола на опојни дроги односно законот за марихуана.
-Колку за информација, овој предлог-закон, власта предводена од Заев, упорно се обидува да го протне во Собранието со една и единствена цел, а тоа е интересот на фамилијата Заеви, познати во бизнисот со производство и доделување на лиценци за одгледување на марихуана, вели Мицевски.
Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и опозициската партија, вели тој, апелира до власта и владејачкото мнозинство да престанат да ја уриваат парламентарната демократија и конечно да престанат со шверцерското носење на законите.
Министерството за правда како целосно невистинити ги отфрла обвинувањата на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, кој и покрај тоа што го знае процедури, изјави дека Владата сака насила да „протне“ 12 закони со европско знаменце, се вели во реакцијата на Министерството за правда.
Од таму додават дека повеќето од овие закони се на Министерството за правда и се дел од Стратегијата за реформи во судството, чие спроведување е обврска кон граѓаните и кон ЕУ. Дел пак, како на пример Предлог-законот за академија за судии и јавни обвинители се работени во директна координација со Европската комисија.
– Дополнително, сакаме да потсетиме на процедурата, односно некој закон да добие европско знаменце не е важно колку членови се усогласуваат. Важно е само дали има усогласување или не. Во случајов секако дека има. Исто така, овие закони се дел од Националната програма за усвојување на европското законодавство и го имаат потребниот ЕПП број, велат од Министерство за правда.