ВМРО-ДПМНЕ денеска испрати соопштение во кое се вели дека премиерот Димитар Ковачевски преговара со соседна Бугарија за Гоце Делчев и затоа не ја прифаќа Декларацијата.

„СДСМ со денови молчи и не одговара што и смета и што е спорно во предложената Декларација која го афирмира ликот и делото на Гоце Делчев. Никој освен власта на пиунот Ковачевски не гледа спорно во тоа соодветно и достоинствено државата и институциите да го одбележат јубилејот 150 години  од раѓањето на Гоце Делчев. Што има лошо во тоа медиумите со соодветна содржина да се приклучат кон одбележувањето, во тоа да се издаде поштенска марка, или да има дополнителна наставна содржина во училиштата за неговото дело? Што има лошо во тоа научните институции да го афирмираат значењето на Гоце Делчев во револуционерната борба за државност на Македонија?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Тие додаваат дека никој, ама баш никој не гледа ништо спорно освен власта, која само одби и не кажува аргументи против.

„Нивниот молк гласно говори. Ова отвора сомнеж дека власта на СДСМ и ДУИ предводена од пиунот Ковачевски се влезени наголемо во нов пазар со македонските национални интереси. Евентуалниот пазар со револуционерното дело на најголемиот македонски син Гоце Делчев и распродажбата на македонската историја се удар и врз идентитетот и врз темелите на Македонија како држава. Власта на пиунот Ковачевски мора да одговори, а не кукавички да се кријат од својот народ“, порача ВМРО-ДПМНЕ.

Со реакција се јавија и од СДСМ, од каде им порачуваат да се грижат за Андон Ќосето и Ванчо Михајлов, додека пак за Гоце Делчев не е потребна декларација.

„ВМРО-ДПМНЕ нека продолжи да се грижи за оние за кои правеше споменици и ги величаше, како Ќосето, Александров, Мијалов.
За најголемиот македонски херој, за нашиот великан Гоце Делчев не се потребни декларации, не заслужува неговата големина да се сведува на политички подметнувања и декларации. Нема што друго ВМРО-ДПМНЕ да понуди пред граѓаните освен политички подметнувања и обиди за поделба меѓу граѓаните и помеѓу македонскиот народ“, велат од СДСМ.

Тие додаваат дека нема да дозволат да се понижува делото на великанот Делчев, ниту да им се држат лекции кои со бројни потези го срамат неговиот лик.

„Нема да учествуваме во дневнополитички театар на ВМРО-ДПМНЕ чија единствена цел е да им помогне на оние центри кои не сакаат Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ“, порачуваат од СДСМ.