Ковачевски молчи и за средбата на Џафери со претставници од Чеченија, од страв да не му падне владата, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат од оваа партија, Ковачевски не смее да го осуди Џафери и да побара одговорност од него од страв дека ДУИ ќе му излезе од влада.
-Сликата која ја гледаме деновиве, каде Ковачевски молчи и одобрува шиканирање и пцуење на вработени во собранието од страна на Џафери, но и негови безбедносно сомнителни состаноци, е доволна причина и одговор зошто треба да има избори час поскоро.
Ковачевски е спремен да премолчи и криминал, само за да остане на власт. Со Ковачевски на чело на владата имаме уценет премиер.
Талат Џафери е опасност за безбедноста на државата и го поткопува интегритетот на Собранието.
Џафери го користел Собранието и позицијата која му ја нуди власта да се среќава со високо позиционирани луѓе од Чеченија и поранешни членови на Руската Дума, и сето тоа се обидел да го сокрие од јавноста.
Џафери не ги информирал медиумите за неговата средба, ниту пак истата е нотирана на собраниската интернет страница.
Нејасно е зошто Џафери ја криел средбата со Чеченците и дали за тоа се информирани нашите безбедносни служби и сојузниците?, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.