Груби и Ковачевски се фатени на дело. Затоа е толкава нервозата во власта па мораат да шират лаги, да растураат перја, да етикетираат, да ги делат граѓаните, да се виктимизираат и да пробуваат да дефокусираат. Едноставно во очај не знаат што попрво да прават, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во нивното соопштение се вели:
А во основа ако се одговорна власт и ако не беа кабаетлии треба да направат само едно нешто, а тоа е да го објават на јавноста договорот за изградба на коридорите тежок 1,3 милијарди евра. Тогаш сите дилеми ќе ги разрешеа. Секој поминат ден во молк и криење потврдува дека потпишале договор врз основа на непостоечки законски одредби; се потврдува дека се обврзале на воведување на 60 часовна работна недела иако знаат дека против тоа има одлука на Уставниот суд; се потврдува дека прифатиле доколку во рок од 45 дена не направат промена на законот за работни односи ќе платат еднократна казна (или дополнителен трошок) од 53 милиони евра плус 2,1 милион евра секој месец додека трае изградбата, плус пролонгирање на рокот на изградбата; се потврдува дека го суспендирале македонското право, се потврдува дека нема да се почитуваат редица законски одредби за градење; се потврдува дека над 70% од работниците кои ќе работат ќе бидат од странство и низа други контроверзни делови од договорот. Секоја приватна компанија би посакала ваков договор и тука нема што да се обвинува изведувачот кој сака да си го максимализира профитот. Овде кабает се нашите неспособни и криминогени функционери кои ги прифатиле овие услови и финансиските обврски за државата.
Сега кога власта на Груби и Ковачевски вреска за некаква наводна антизападна или антиалбанска хајка и ги етикетираат оние кои го критикуваат проектот и кои прашуваат многу логични прашања, ИМАЈТЕ ПРЕДВИД ЕДЕН ФАКТ, колку погласно врескаат со овие флоскули толку повеќе се заглавени во криминал и прекршување на законите, толку повеќе злоупотреби и штети направиле на државата и буџетот.
А, Груби и неговиот послушник Ковачевски овие денови се хистерични како никогаш до сега, што само говори дека се свесни во каква кал се заглавени, дека ги прекршиле законите и за тоа ќе одговараат.