Пишува: Зоран Бојаровски
ВМРО-ДПМНЕ ги злоупотребува ликот и делото на Делчев и останува најголема пречка на нашата европска иднина. И покрај сите апели за деескалирање на наелектризираните односи меѓу Скопје и Софија, и покрај заедничките напори на двете влади и во вакви услови да се организира достојно чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, ВМРО-ДПМНЕ организираше настан како уште една провокација која ја спроведуваат „актери“ од нивната младинска унија, или од нивните позадински, опскурни структури како што беше и настанот со претепувањето на Пендиков.
На ден пред 4 февруари, годишнината од раѓањето на Делчев, Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ за град Скопје, организираше настан кој од повеќе аспекти е провокација која што има за цел да предизвика возвратна реакција на нивните „клонови“ во Бугарија.
Тоа што прават младите дпмне „унионисти“ е навистина поигрување со ликот и делото на Гоце Делчев од следбениците на нарачетелите на убиствата на авентичните синови на ВМРО Ванчо Михајлов, Тодор Александров и егзекуторот Андон Лазов Ќосето.
Организирањето на вакви и слични настани, како очајни обиди на Христијан Мицкоски да ги засилува тензиите и да ја вознемирува јавноста, само ја разбива кохезијата меѓу народот и создава нови причини да се предизвика реакција од другата страна. Како да не е доволно предупредувачка поуката од новата декларација донесена со огромно мнозинство во бугарскиот парламент во која се наведува дека „ескалацијата на антибугарската кампања во Северна Македонија може да го загрози процесот на вклучување на Бугарите во Уставот на земјата, како и развојот на демократските процеси и институции во Северна Македонија и нејзиниот пат кон членство во Европската Унија, што им служи на интересите на трети страни“.
Од аспект, пак, на историското дело и мисија на Гоце Делчев, сите овие постапки на ВМРО-ДПМНЕ се спротивни на неговата визија за Македонија и за нејзиното место во заедницата на народите.
Гоце Делчев бил визионер, идеолог и предводник на македонското национално- ослободително дело од крајот на 19-тиот и од почетокот на 20-тиотр век и клучните дострели на македонската илинденска генерација несомнено го продолжија неговото дело, а вредностите на тоа дело се вградија во државнотворните процеси низ сите идни декади до формирањето на македонската држава според сите принципи за самопределување на меѓународното право.
Благодарејќи на својата посветеност на делото, Делчев го има трајно обезбедено своето место во колективното паметење на македонскиот народ, а неговите идеи и космополитизам, кои беа далеку пред времето во кое живееше и тие и денес ги надминуваат националните и регионалните рамки.
Тие негови карактеристики далеку ја надминуваат конзервативната застарена матрица на ДПМНЕ којашто со сите свои постапки ја става(ше) Македонија во сѐ подлабока и подлабока ситуација, секогаш во отворена кавга со своите соседи.
Наспроти таквите принципи, општочовечки концепти за слобода, правда и рамноправност за коишто се залагаше Гоце Делчев, денеска не прават горди затоа што ние, денешните граѓани на Македонија, можеме да кажеме дека ги споделуваме неговите идеали со сите слободољубиви народи во светот, без разлика на временската дистанца во која биле создадени.
Македонскиот народ денеска својата држава ја гледа без никакви комплекси како еднаква во натпреварот со другите, во свет разбран како поле за културен натпревар меѓу народите.
Денеска, кога светот дефинитивно не препознава како Македонци, со македонски јајзик и писмо, во суверена држава членка на ОН, нам не ни останува ништо друго освен да ја негуваме взаемното разбирање, солидарноста со вредностите што заеднички ги сподедлуваме со останатите земји членки на ЕУ и со нашите соседи.
Тоа е начинот да покажеме дека тоа се, всушност, идеалите на Делчев и дека тие се еднакво актуелни и прогресивни и денес.
Сѐ друго е спротивно на тие вредности и на нив треба да се гледа како на сили кои имаат да го попречат процесот низ кој Северна Македонија треба да го заземе своето мести во ЕУ како наша стратешка определба.
Текстот е личен став на Авторот.