Насилството на советникот на Венко Филипче од Кочани, Аки Акиов кој во општинскиот Совет со стаклено шише повреди вработена во општината, е почеток на реализацијата на темното сценарио за дестабилизација и предизвикување чувство на страв, велат од ВМРО-ДПМНЕ по инцидентот во Советот.
Според партијата, се работи за сценарио за дефокус и за дестабилизација во Кочани, кое служи за спас на политичката кариера на Венко Филипче, кој, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, има рејтинг во рамките на статистичка грешка и на кого му се заканува дебакл на следните избори.
„На ова опасно сценарио, секако, му асистира добро познатиот креатор на мрачни сценарија, Зоран Заев кој е и ментор на Филипче. Ова нивно последно сценарио за сеење страв е дел од план кој Филипче го правел со Заев далеку од очите на јавноста, во Дубаи. Средбата на која го подготвиле ова сценарио се случила пред месец дена, а тоа е периодот кога јавно кажувавме дека Филипче е шест дена тајно во Дубаи, каде се среќавал со Заев. Советникот Акиов е човек многу близок до Зоран Заев, тоа може да се види од јавно достапните фотографии и тој прв почна со имплементација на планот за спас на Филипче. Внесување страв и паника кај народот од локални тепачи кои се закануваат, е добро позната и веќе испробана тактика на Заев, која сега ја применува Филипче“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се додава дека дел од дословното спроведување на планот на Заев е и декларативното осудување на настанот. Филипче ако сака некој да му верува дека искрено се оградува од насилството во Кочани, јавно ќе се дистанцира и ќе побара оставка од неговиот советник.