Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која вчера тврдеше дека сопственикот на компанијата СВ Инвест, која според нив е вмешана во месење на тендери во РЕК Битола, избегал во САД, денеска прашува дали тој должи 2,5 милиони евра на име на данок.
-Фирмата „СВ Инвест“ која е клучна во овој случај, а која важи за многу блиска до Вице Заев, отвора мистериозно брзо стечајна постапка, извесно време откако е спомената во пријавата до МВР за изнуда на 250 илјади евра.
Повторно прашуваме дали сопственикот на оваа фирма, лицето Столе Чифлигароски, исто така близок до Вице Заев, во меѓувреме ја напуштил државата и дали останал должен кон државата речиси 2,5 милиони евра даноци?
Потсетуваме дека оваа компанија и нејзиниот сопственик беа посочени од страна на фирмата која го пријавила случајот за изнуда како чинителот на кој треба да му се отстапи дел од бизнисот или на која треба да и бидат уплатени 250 илјади евра, доколку изнудуваната фирма сака да продолжи да работи во РЕК Битола. Во оваа пријава се споменуваат и тогашниот директорот Ковачевски, Вице и Хотелот „Парк“ во Струмица.
Тоа што некој се обидува од самиот почеток да ја забошотува истрагата, да фалсификува изјави е само причина плус обвинителството да се одважат и да го процесуираат сериозниот криминал на власта, велат од ВМРО-ДПМНЕ.