СДС секојдневно пишуваат празни соопштенија, а денес повторно говорат за образованието, небаре го препородија па сега нешто не чини, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако од СДСМ беше објавено дека Јаневска направила хаос со образовните асистенти на сметка на најранливите ученици.
Од новата учебна година за прв пат образовни асистенти ќе има и во средните училишта, благодарение на законското решение предложено од Владата, чекор кон поголема инклузивност во образованието, појаснуваат од партијата на власт.
Ангажирањето, како што велат, е транспарентно и не го врши МОН, туку самите училишта со ресурсни центри, дел од кои беа поставени токму од СДС. Асистентите се ангажираат на определено време, според реалните потреби пријавени од родителите и секоја година аплицираат повторно.
„СДС постојано задира ранливи теми и со лажни вести предизвикува вознемиреност. Но, тоа нема да помине. Лажните душегрижници се во опозиција.
Затоа го молиме СДС, кој го остави образованието без учебници, да учи како се развива образованието и да го поддржува истото“./ Макфакс