Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата реагираше на тврдењата на градоначалничката Данела Арсовска, која утрово на социјалните мрежи напиша дека одговорноста за состојбата со ѓубрето низ Скопје е кај кадрите на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН во Советот на Градот и управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“.
Од партијата велат дека сите одлуки предложени од Арсовска и поврзани со претпријатието биле усвоени од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, и ја обвинуваат градоначалничката дека „измислува“ криза за политичка корист.
„Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата гласаа за сите одлуки предложени од страна на Арсовска, а кои беа поврзани со ‘Комунална хигиена’. Апелираме да каже која одлука врзана со тековното работење на претпријатието не е изгласана од советниците?“ стои во реакцијата.
Од партијата додаваат дека тезата на Арсовска дека проблемот е намерно создаден е „површна, неточна и нелогична“.
„Зошто ВМРО-ДПМНЕ во сред изборна кампања би го ставило Скопје во ѓубре, ако се знае дека товарот и негативата ќе одат на сметка на ВМРО-ДПМНЕ? Арсовска треба да одговори зошто не се собира ѓубрето и што се прави со парите кои граѓаните уредно ги плаќаат“, наведуваат од партијата.
Тие побараа да се испита и кривичната одговорност на надлежните за хаосот со сметот, оценувајќи дека зад него стои „тајна коалиција која четири години ја поддржуваше Арсовска“.
„Ова го прави некој што сака да наштети на ВМРО-ДПМНЕ во изборна кампања. Ќе дојде крајот на ова и ќе има одговорност“, се вели во реакцијата.
Во објавата претходно, Арсовска обвини дека Советот не презел мерки за нормално работење на претпријатието, ниту ги разрешил управниот и надзорниот одбор на „Комунална хигиена“ кое е составено од кадри на ВМРО-ДПМНЕ и Влен, и надлежно за носењето на сите одлуки поврзани со работата на претпријатието.
Текстот ВМРО-ДПМНЕ: Арсовска да каже која одлука за „Комунална хигиена“ не била изгласана од нашите советници е превземен од МАКФАКС.