На овие локални избори може да се очекува соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива, тврди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Не нè посочи точно во кој круг.
Коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива не ја исклучува можноста за соработката. Додека Мицкоски се уште не открива во кој круг може да соработуваат со албанската опозиција, Елми Азири од Алијансата за Албанците, не ја исклучува можноста за соработката во првиот круг.
„Ништо не е исклучено. Може да има соработка од првиот круг, зошто да не?! Но, моментално не можам да кажам ништо конкретно, бидејќи навистина немаме ништо конкретно, но соработката не е исклучена и од првиот круг“, вели Елми Азири.
Евентуалниот договор и разговори, според Азири, ги олеснува фактот дека станува збор за општини кои, според него, бараат добри менаџери, без разлика од која партија или етничка припадност доаѓаат.
Затоа, албанската опозициска коалиција е заинтересирана да најде поддржувачи за нејзините кандидати, но како што додава, се ќе се направи врз основа на програмите и понудите за граѓаните. Деталите остануваат за понатаму.
„Јавноста знае дела се уште не ги објавивме кандидатурите. Верувам до средина на август дел од процесот ќе се заокружи, потоа партијата одлучи листите за советници да се промовираат малку покасно, кон почетокот на септември. Верувајте дека моментално имаме работа во рамките на внатрешните структури и веруваме дека откако ќе го заокружиме овој процес, јавноста ќе биде известена и не се исклучува можноста за средба на одреден експонент на коалицијата со експоненти на можните субјекти за коалиција“, додава Елми Азири.
За разлика од поголемите македонски и албански опозициски партии, кои допрва чекаат да видат како ќе направат, партиите на власт веќе се согласија да соработуваат на локалните избори. Минатата недела, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на Беса, Билал Касами и на ДПА, Мендух Тачи, со кои се договорија за заедничка поддршка на изборите во октомври, особено во вториот круг.
Инаку, денес ВМРО-ДПМНЕ и Партијата „Демократска сила на Ромите“ ја потврдија соработката на локалните избори. Се очекува од редовите на партијата на Шабан Салиу да има кандидати за советници во оние општини каде што ќе се трка ВМРО-ДПМНЕ.