Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти денешната седница за интереплација на министерот Оливер Спасовски, и нема да присуствува на гласањето на интерпелацијата, а најави интерпелација за спикерот Талат Џафери.
„Денеска ќе ви дозволиме сами да си играте парламент. Продолжете да си глумите театар, но народот, јавноста ќе го осудат вашето однесување. Нема да ви биде ВМРО-ДПМНЕ, бидете спокоен министер Спасовски, ќе ве одбранат граѓаните, но немате можност да слушнете што мисли опозицијата затоа што ќе ја напуштиме седницата, и ќе поднесеме интерпелација за вас г-не Џафери. Ја замолчивте опозицијата, не дозволивте да разговараме за интерпелација на министрите Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ. Затоа сега ќе ја напуштиме седницата“, рече Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Талат Џафери му врати дека се самите виновни за двете интерпелации, и дека ќе ја дочека неговата интерпелација со задоволство.
„Основен виновник сте самите за двете интерпелации, и деловникот има процедура по која може да се вратат тие две точки. И трето, јас со задоволство ќе ја дочекам вашата интерпелација на функцијата претседател на Собранието“, рече Џафери.
Потоа за збор се јави Јован Митрески од СДСМ.
„Никогаш во историјата на собранието, опозицијата да поднесе интерпелација и самата да бара повлекување за Николовски и Маричиќ. Денеска кога има интереплација друга, не е доставен список навремено, и сега некој друг им е виновен и се претпоставува како наводен обид да се замолчи опозицијата. Денеска ги чекаме да ги соочиме аргуметните за министерот Спасовски, еве избегаа. Ги чекавме да ги соочиме аргументите и за Маричиќ и Николовски, ги повлекоа“, рече Митрески.