Социјалдемократскиот сојуз и ДУИ упорно го бранат корумпираното судство и обвинителство, а вистинската причина денес е јасна – се работи за заштита на криминал вреден 167 милиони евра. Трговија со канцероген мазут, кој го труел народот, а виновниците се ослободуваат со симболични мерки, реагира ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение.
Партијата, дополнително, жестоко ја критикува одлуката да му биде определен куќен притвор на сопственикот на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски.
„Судиите и обвинителите на СДС и ДУИ, наместо да ги гонат криминалците, ги пуштаат на слобода со домашен притвор. Синот на омилениот пратеник на Филипче, Исмаил Јахоски, за кој има основано сомнение дека е дел од оваа шема, добива само одземен пасош. Нема вистинска истрага, нема вистинска правда – само заштита за блиските на врвот на СДС и ДУИ. Кој се штити со оваа одлука? Во истата мрежа се бизнис партнери на внукот на Али Ахмети, луѓе од највисоките ешалони на ДУИ и СДС. Додека граѓаните се гушат од загадениот воздух, криминалните елити на овие партии се богатат од трговија со опасни супстанции“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека најголемиот скандал е бегството на Васко Ковачевски, екс-директорот на ЕСМ и долгогодишен човек на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Наместо да одговара пред институциите, велат од ВМРО-ДПМНЕ, тој денес е во бегство, додека неговите покровители од власта прават сè за да го заштитат.
Судот синоќа определи 30 дневен притвор за бизнисменот Ратко Капушевски – сопственик на фирмата РКМ, Ерџан Сулкоски и ексдиректорот на ЕСМ, Адријан Муча, во случајот со спорниот тендер за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино. Од Кривичниот суд вечерва информираа дека за нив постои опасност од бегство и околности кои укажуваат на попречување на истрагата со влијание на сведоци.
Во однос на осомничениот Асмир Јахоски – сопственик на „Пуцко Петрол“, по произнесување пред судија на претходна постапка Јавниот обвинител се согласи за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од Судијата на претходна постапка, велат од Кривичен.
За останатите седум осомничени кои беа спроведени во судот, судијата го прифати предлогот на Јавниот обвинител и донесе решени за определување на мерки за претпазливост.
Текстот ВМРО-ДПМНЕ: 167 милиони евра криминал со канцероген мазут, а судството само одзема пасоши е превземен од МАКФАКС.