Седум години СДС го урнисуваше образованието и најголемо „достигнување“ им е дното на ПИСА и ТИМСС. Покажаа дека немаат капацитет да креираат политики и да го подобрат квалитетот на образовниот систем, а и сега покажуваат некадарност за да дадат предлози и сугестии со кои ќе помогнат да се усвои Концепција со која потонатиот македонски образовен систем ќе го извадиме од длабокото, реагира ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференцијата на СДСМ.
„Пред да зборуваат за укинување на „Претприемништво“ како предмет и да бараат виновник, требало да знаат дека токму нивната министерка Мила Царовска го укина претприемништвото во основното образование, а кога пак, предметот се воведуваше во средно образование, тие беа против. Ова доволно говори за неконзистентноста на нивните ставови и за неискреноста кој граѓаните.
Јавноста треба да знае дека Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ се заложува за воведување на повеќе изборни содржини во гимназиското образование, вклучително и предмети преку кои се изучува претприемништвото како компетенција. Воведуваме предмети кои се од интерес на децата и тие ќе можат да ги одбираат согласно личните афинитети за продолжување на едукацијата во соодветна насока и за реализација на професионален план. Така што, за претприемништво ќе се учи и во гимназиското образование.
Потсетуваме дека за изработка на Концепцијата за гимназиско образование има време цела календарска година. Станува збор за предлог документ, кој по завршување на јавната дебата во која СДС одбива да учествува и наместо тоа пробува да манипулира, да опструира и размислува за организирање протести, ќе биде проследен до Собранието на пратеничка расправа и конечно усвојување.
Помина времето во кое СДС и ДУИ носеа одлуки со декрет, насилно и без консултации со граѓаните. ВМРО – ДПМНЕ го слуша нивниот глас и ниту една политика не се креира и нема да биде креирана без учество на пошироката јавност.
Го повикуваме и СДС да даде конструктивни сугестии за унапредување на содржината на предлог Концепцијата за гимназиско образование. Тоа е всушност и целта на јавната дебата која е во тек и преку која Министерството за образование и наука го слуша мислењето на сите засегнати чинители и стручната јавност. Досега од оваа политичка партија не е даден ниту еден конструктивен предлог“, се вели во реакцијата.