Сергеј Караганов вели дека само со нуклеарна бомба може да се „вразуми“ Европа.

Еден од највлијателните руски експерти за надворешна политика, Сергеј Караганов, предложи превентивен нуклеарен напад врз земјите од ЕУ. Во својата статија за магазинот „Профил“, тој повика на „кршење на волјата на Западот“ преку нуклеарни закани или употреба на нуклеарна бомба.

Караганов е почесен претседавач на Советот за надворешна и одбранбена политика, еден од основачите на клубот „Валдаи“. Тој ја извршува и функцијата академски супервизор на Факултетот за светска економија и меѓународни односи на Вишата економска школа.

Во својата статија, 70-годишниот професор објаснува дека каков било исход од војната во Украина нема да ја задоволи Русија доколку „не се скрши волјата на Западот да ја поттикне и поддржи киевската хунта“. „Грубо кажано, неопходно е Западот едноставно да ‘отстапи’ и да не ги спречува Русија и светот да одат напред“, пишува Караганов.

Главното решение што го предлага е да се зголеми нуклеарната реторика за да се врати изгубеното чувство за самоодржување во западните земји. Според него, првите чекори во оваа насока се веќе направени – предупредувања се издадени од претседателот Владимир Путин и другите лидери на Руската Федерација, а во Белорусија започна распоредувањето на руски нуклеарни проектили и носачи.

Сепак, работата не треба да се ограничи само на ова, пишува професорот. Нуклеарната реторика на Русија може да оди дотаму што за да ги предупреди „сонародниците и сите луѓе со добра волја да ги напуштат местата на живеење во близина на објекти кои можат да станат цели на нуклеарни напади“, вели Караганов. Ако оваа закана не успее, тој предлага да се користи нуклеарна бомба.

„Но, што ако не отстапат? Дали целосно го изгубивте чувството за самоодржување? Тогаш ќе треба да погодите група цели во голем број земји за да ги вразумите оние што го изгубиле умот. Ова е морално страшен избор – ние го користиме оружјето Божјо, осудувајќи се на тешки духовни загуби. Но, ако тоа не се направи, не само Русија може да заврши, туку, најверојатно, ќе заврши и целата човечка цивилизација “, пишува политикологот.

Во исто време, тој е уверен дека ризикот од одмазднички удар може да се минимизира „ако изградите стратегија за одвраќање и правилно ја користите“. Тој одбива да верува дека САД ќе возвратат со нуклеарен напад против Русија заради нејзините сојузници, со ризик да ја загрозат сопствената територија. „Само ако некој лудак седне во Белата куќа, а освен тоа ја мрази својата земја, Америка ќе одлучи да нападне во ‘одбрана’ на Европејците, со што ќе добие одговор, жртвувајќи го условниот Бостон заради условниот Познањ“, вели Караганов.

Превземено од Независен.мк