Се залагаме за целосно официјализирање на албанскиот јазик, велат од коалицијата „Влен“, преку соопштение.

Од тука се осврнаа на вчерашната средба помеѓу двете влади во Приштина, на која, како што велат, силно била потврдена заложбата за добрососедски односи, соработка и партнерство меѓу Македонија и Косово и потпишани три важни договори за соработка.

Што се однесува до реакциите на опозициската ДУИ за изјавата на премиерот Албин Курти за официјална употреба на албанскиот јазик, од „Влен“ велат дека нивниот став е јасен, а тоа е отстранување на ознаката 20 отсто од Уставот.

„Премиерот Курти ја кажа горчливата вистина. Официјалната употреба на албанскиот јазик останува нерешено прашање поради неговата злоупотреба од старата политика, од тесни криминални мотиви повеќе од две децении. Преку измами и ширење на паника, наводно дека албанскиот јазик е загрозен, стариот режим се обидува да ја избегне одговорноста за нивните злосторства и злоупотреби. Но, граѓаните повеќе не стануваат плен на овие манипулации. Коалицијата ‘Влен’ се залага за целосно официјализирање на албанскиот јазик и отстранување на понижувачката ознака од Уставот, кој го дефинира како ‘јазик што го зборуваат 20 отсто од населението’. За нас тоа е прашање на правдата и национално достоинство на кое решително ќе се обратиме“, велат од Влен.

Претходно, премиерот на Косово, Албин Курти, на средбата со Мицкоски рече дека албанскиот јазик не е загрозен во Македонија, спротивно на тврдењата на ДУИ.