Политичката коалиција ВЛЕН соопшти дека „во секој агол на земјата се чувствува еуфорија кај граѓаните дека ДУИ конечно завршува“, нагласувајќи дека „по повеќе од 20 години лошо владеење, измама и ароганција, Албанците се разбудија и бараат вистински промени“.
Во соопштението се наведува дека ВЛЕН е „најдобар пример за модерна албанска политика – без притисоци, уцени и закани“.
„Комуницираме со граѓаните, ги слушаме нивните грижи и работиме за секое населено место, за секое семејство. Блиску сме до народот, а не сме заклучени во канцеларии и бункери на власта“, стои во соопштението.
Според ВЛЕН, ДУИ „е на дното на бунарот“, а секојдневно се открива „нивниот срамен договор со Левица“, кој, како што се наведува, „го предава интересот на Албанците за лична моќ“.
„Ова јасно се виде на 19 октомври, кога граѓаните им ја изрекоа првата казна. Но, конечниот удар ќе дојде на 2 ноември, во Тетово, Дебар, Долнени, Брвеница и насекаде каде што Албанците одлучија да го затворат поглавјето на ДУИ“, се додава во соопштението.
Од ВЛЕН истакнуваат дека, за разлика од политиката на навреди, тие водат кампања „со почит и достоинство кон Албанците“.
„ВЛЕН не ги навредува Албанците, не ги нарекува ‘загари’ и ‘газиместан’ како Али Ахмети, туку ги почитува со достоинствено претставување и секојдневна работа.“
Коалицијата порачува дека верува во „достоинство, единство и политика што му служи на граѓанинот, а не на личниот џеб“.
„ВЛЕН е новиот дух, силата на промените и печатот дека Албанците ќе имаат чист, силен и искрен глас на секое ниво на власт. На 2 ноември, сите заедно да го затвориме старото поглавје и да ја започнеме новата ера на Албанците со ВЛЕН“, завршува соопштението.























