Коалицијата Влен ја повика ДУИ да донесе формална одлука за исклучување на Артан Груби од членство во партијата.
Од тука велат дека ДУИ треба да преземе конкретни и видливи мерки за зачувување на стратешкото партнерство на Албанците од Северна Македонија со Соединетите Американски Држави и за докажување дека Албанците нема да бидат заложници на ничиј криминал.
„Досегашните изјави на господинот Али Ахмети и господинот Бујар Османи за принципиелност и транспарентност останаа само на ниво на празни зборови. Ги повикуваме да преземат конкретни чекори, кои ќе покажат дека нивните ветувања и заложби се реални и дека нема да дозволат какви било сомнежи околу криминална или нечесна активност да ја нарушат репутацијата и иднината на Албанците во Република Северна Македонија.
Притисокот од јавноста е реален и легитимен – луѓето бараат дела, а не празни фрази. Доколку ДУИ сака да ја потврди сериозноста на своите заложби за владеење на правото и за севкупен општествен интегритет, неопходно е итно да покаже дека нема да толерира сомнителни активности од своите редови. Исклучувањето на Артан Груби од партијата е неопходен потег за да се испрати јасна порака дека партијата и нејзините лидери се искрени во заложбите за почитување на законите и силно партнерство со САД. Се друго е јасен доказ дека тие го прикриваат и штитат нивниот другар Артан Груби.
ВЛЕН стои зад сите иницијативи кои ќе доведат до поголема отчетност и одговорност на политичките актери во земјата. Веруваме дека со итно и решително делување, ДУИ ќе покаже дека зборовите на Али Ахмети и Бујар Османи не се празни ветувања, туку дека навистина стојат зад сопствените принципи за праведност, законитост и заштита на стратешките интереси на Албанците во Република Северна Македонија“, се вели во соопштението на Влен.
Текстот Влен: ДУИ да го исклучи Груби од членството на партијата е превземен од МАКФАКС.