Партијата Влен денеска објави ново политичко-финансиско откритие кое, според нив, ја потресува Северна Македонија. Од Влен тврдат дека компанијата „АС Сенјак“, во сопственост на блиско семејство на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на 17 септември 2025 година продала акции во „Стопанска банка – Битола“ на „Алта банка“ од Белград, институција директно поврзана со режимот на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Од партијата посочуваат дека истите акции, речиси една година претходно, на 24 октомври 2024 година, биле купени од страна на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, преку неговата компанија „Бест Веј Инвестмент“. Според нив, со тоа е воспоставена јасна линија: Мијалков прво ги откупил акциите, потоа тие завршиле кај семејството на Али Ахмети, а на крај биле продадени на „Алта банка“ од Белград.
„Ова е доказ дека ДУИ, преку семејството на Али Ахмети, е директен финансиски партнер на Мијалков и Вучиќ и на овој начин српскиот свет се внесува во Северна Македонија преку банкарскиот систем,“ соопштија од Влен.
Според нивните податоци, вкупната вредност на оваа финансиска шема надминува 20 милиони евра, а ДУИ со ваквите потези ја става државата и албанската заедница во финансиска и политичка зависност од Белград. Од Влен најавија дека ова е само дел од „мозаикот на врските меѓу ДУИ, Мијалков и Вучиќ“ и дека јавноста допрва ќе дознае уште информации.