Властите во Јапонија повикаа повеќе од милион луѓе да се евакуираат, откако бурите предизвикаа поплави и свлечишта во западниот дел на земјата, кога најмалку едно лице загина, а две исчезнаа.

Властите во Хирошима и северна Кјушуа издадоа најголемо предупредување за евакуација, бидејќи метеоролошката агенција објави невидени количини на дожд во областа.

Според повикот, кој не е задолжителен, од 1,4 милиони жители било побарано веднаш да ги напуштат своите домови, според телевизијата НХК.

На ТВ снимката се гледа како спасувачите ги извлекуваат жителите низ поплавените улици со чамец за спасување во градот Куруме во Фукуока, додека калливиот поток почна да се излева во соседната префектура Сага.

Една 59-годишна жена загина, а двајца членови на нејзиното семејство исчезнаа откако лизгање на земјиштето уништи две куќи во Унзен, префектурата Нагасаки, изјави за АФП локалниот функционер Такуми Кумасаки.

„Повеќе од 150 војници, полицајци и пожарникари беа испратени на локацијата за спасувачки операции“, рече Кумасаки, додавајќи дека се трага по исчезнатите.

Научниците велат дека климатските промени го зголемуваат ризикот од обилни дождови во Јапонија и на други места, бидејќи потопла атмосфера задржува повеќе вода.

„Забележани се невидени нивоа на силен дожд“, рече Ијуши Адачи, претставник на метеоролошката агенција, за новинарите во Токио, додавајќи дека е многу веројатно дека веќе се случила некаква катастрофа.

Врнежите од дожд минатиот месец предизвикаа разорно свлечиште во градот Атами, во централниот дел на земјата, кога загинаа 23 лица, а четворица се водат како исчезнати.

Во западна Јапонија, во 2018 година, повеќе од 200 луѓе загинаа во поплави за време на годишната сезона на дождови.

https://www.youtube.com/watch?v=22j235POQTM