Пратениците во Собранието ја почнаа расправата по предлог ребалансот на буџетот за оваа година. Во своето експозе министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека прекројувањето на државната каса ќе придонесе за економски раст, ќе се одвојат повеќе пари за капитални инвестиции, и се дава поддршка на стопанството и граѓаните.
„Со овој ребаланс се менува структурата на буџетот што се однесува во делот на расходите, се зголемуваат трансферите и капиталните инвестиции. Што се однесува на трансферите се мисли за мерките за поддршка на економијата, за поддршка на ранливите групи и социјални категории“, рече Фатмир Бесими- Министер за финансии.
За опозициската ВМРО- ДПМНЕ предлог ребалансот ги втурнува граѓаните во уште поголема сиромаштија, задолжувањето на државата се зголемува а раст на економијата нема.
„Со ребалансот го задолжувате секој човек со по нови 500 евра долг, животот е се поскап, цените повисоки, граѓаните посиромашни. Приходите во ребаланост од 3,6 милијарди евра се посебна неоснована приказна, нереални се очекувањата од 3,6 милијарди евра во ситуација на незавршена пандемија, намален извоз на стоки и услуги а економската активност е забавена“, рече Бојан Стојановски- пратеник на ВМРО- ДПМНЕ.
На ова му реплицираше пратеникот на СДСМ, Диме Велков велејќи дека и покрај кризата економијата има резултати од почнатото закрепнување.
„Добро знаете каква беше 2020 година, вклучително и уште не сме излезени од таа криза, но дека имаме резултати во економијата тоа мора да го признаете. Еве ќе ви кажам неколку податоци. Извозот за вториот квартал е 760 милиони евра или тоа е за 140 отсто повеќе од истиот квартал во 2020 година“, рече Диме Велков- пратеник на СДСМ.
Расправата на пратениците за предлог ребалансот на буџетот на пленарна седница може да трае најмногу пет дена. Со ребалансот се планира државата да потроши дополнителни триста милиони евра од првично планираниот буџет со што расходната страна ќе изнесува 4,3 милијарди евра. Во буџетската каса се планира да се соберат 3,6 милијарди евра.
Андреа Чобанова